Свечено одбележување на 100 години од раѓањето на акад. Ѓорѓи Филиповски
На 16 мај 2019 година во Амфитеатарот на МАНУ се одржа свечено одбележување на 100 години од раѓањето на акад. Ѓорѓи Филиповски, на кое присуствуваа голем број гости, членови на МАНУ, професори и соработници на акад. Филиповски од Факултетот за земјоделски науки и храна и од Шумарскиот факултет и членови на семејството Филиповски. Амфитеатарот беше претесен за да ги собере сите почитувачи на ликот и делото на акад. Филиповски, кој е жива легенда, икона и историја на македонската наука и на МАНУ.
Акад. Ѓорѓи Филиповски е член на МАНУ од првиот работен состав, избран во 1967 година, и е единствен жив член од 14-те основоположници на МАНУ. Од високите научни достигнувања на акад. Филиповски клучни за неговата висока репутација во земјата и во странство е неговиот придонес во педологијата, научна дисциплина чиј пионер во нашата земја е акад. Филиповски. Покрај тоа, тој има огромен придонес за развојот на образованието, науката, уметноста и културата во Македонија.
Свечениот настан за еден живот, а цел век историја го отвори акад. Дончо Димовски, секретар на Одделението за природно-математички и биотехнички науки, а поздравно обраќање имаше акад. Таки Фити, претседател на МАНУ, кое е интегрален дел од Извештајот. На настанот со пригодна реч се обрати проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а реч за ликот, научниот и наставниот придонес на акад. Ѓорѓи Филиповски имаше проф. д-р Татјана Миткова од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На одбележувањето, претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија му ги пренесе на акад. Филиповски срдечните честитки и поздрави од претседателот проф. д-р Стево Пендаровски по повод роденденот. Во рамките на настанот, акад. Глигор Јовановски го промовира и пригодното издание „100 години Ѓорѓи Филиповски“, по што беше прикажан филмот „Приказна од еден век – акад. Ѓорѓи Филиповски“. На крајот, акад. Ѓорѓи Филиповски, со голема благодарност и воодушевување за свеченото одбележување на неговиот 100. роденден, им се обрати на присутните, и особено им се заблагодари на сите членови на МАНУ, соработници и вработени во МАНУ за плодната заедничка работа во полувековното опстојување на највисоката научна и уметничка установа во земјава.