Генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“

Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“
Основна цел на ИЦГИБ е унапредување на научните сознанија во полето на протеинската хемија, молекуларната биологија, генетското инженерство и биотехнологијата, преку научни истражувања и едукативно-практични курсеви. ИЦГИБ дејствува како национален референтен центар за истражување, едукација и апликација на нови технологии во областа на биомедицинските и биомолекуларните науки. ИЦГИБ е најголемата и најзначајната институција во нашата држава во полето на молекуларната генетика, која има стекнато широка меѓународна препознатливост. Од формирањето, Центарот е опремен со модерна и софистицирана опрема. Во декември 2015 година ИЦГИБ го доби Сертификатот за акредитација и стана акредитирана лабораторија за стандардите MKC EN ISO/IEC 17025>2006 Кадарот на ИЦГИБ се состои од научни и административно-технички работници. Научноистражувачкиот кадар вклучува четворица научни работници, петмина соработници истражувачи, двајца истражувачи вработени во рамките на научниот проект во соработка со Универзитетот „Колумбија“ од Њујорк, САД под наслов Градење на научни капацитети за истражување на шизофренијата во Македонија, четворица млади соработници кои се вклучени во апликативнатa дејност на Центарот и тројца административно-технички работници.
Во ИЦГИБ постојано престојуваат истражувачи за специјализација по медицинска генетика, постдипломци и докторанди. Во текот на изминатите 30 години во ИЦГИБ се реализирани повеќе од 30 научноистражувачки проекти, од кои најголемиот дел од областа нa молекуларната медицина, како што се молекуларната карактеризација на нај честите моногенски наследни болести во Македонија и соседните земји, молекуларната епидемиологија на инфективните болести, молекуларните основи на најчестите малигни болести и ДНК-маркери во хуманата идентификација. Во ИЦГИБ се работени и проекти од други области, како што се генетските испитувања на охридската пастрмка, изолација и продукција на Taq полимераза, молекуларна идентификација на соеви тутун, идентификација на бактериолошки соеви во пештерата Врело итн.
Во тек се следниве проекти:
- Градење на научни капацитети за истражување на шизофренијата во Македонија, финансиран од Националниот институт за здравје, САД;
- Genetic screening for mutation in GH1 and GHRHR in a cohort of patients with isolated deficiency (IGHD) elucidating the genetic cause(s) for a distinct associated of IGHD and myophaty финансиран од ИЦГИБ Италија;
- Балканска ендемска нефропатија“, во соработка со БАН и САНУ;
- Молекуларни основи на карциномот на дојка и јајници во Република Македонија;
- Откривање на уринарни биомаркери за урогенитални канцери со користење на 2-Д ДИГЕ/МС и ЛЦ-МС простеомските технологии.
Во тек се следниве програми:
- Изучување на молекуларните дефекти на бројни моногенски болести (хемоглобинопатии, цистична фиброза, мускулна дистрофија, хемофилија А, спинална мускулна атрофија, Huntington-ова болест, фрагилен X синдром, наследна глувост, Friedrichs-ова атаксија, хемохроматоза, цистинурија, фенилкетонурија, галак тоземија, Rett синдром, Darier’s синдром, ахондроплазија итн.);
- Генетика на инфертилитет;
- Молекуларни основи на малигните болести (карцином на дојка, простата, тестиси, грло на матка, бели дробови итн.);
- Брзи и неинвазивни методи за пренатална дијагноза;
- Изучување на ДНК маркерите кај популацијата на Р. Македонија и апликација во судската медицина и криминалистика;
- Изучување на инфективните болести (Human Papilloma Virus кај жените со цервикални промени, хепатитис Б и Ц вирусна инфекција и нејзината улога во етиологијата на хроничната хепатална болест и хепатоцелуларниот карцином)
Повеќе информации за работата на Центарот може да се прочита на веб-страницата: icgib.manu.edu.mk