Акад. Илија Филипче

Редовен член, 2009

Акад. Илија Филипче

Датум на раѓање
28.07.1946
Место на раѓање
Охрид
Членство во МАНУ
Редовен член, 2009
Институција
Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Област на работа
Оториноларингологија

Биографија

Акад. Илија Филипче е роден на 28 јули 1946 година во Охрид. Основно и средно образование завршил во родниот град, а Медицински факултет во Скопје во 1971 година. На Клини-ката за уво, нос и грло при Меди-цинскиот факултет се вработил во 1972 година. Специјализацијата од областа на оториноларингологијата ја завршил во 1977 година. Уште како специјализант е избран за помлад асистент, а потоа и за редовен асистент. Во 1987 година ја одбранил својата докторска дисертација под наслов „Споредбени испитувања помеѓу техниките на стапедотомија и стапедектомија во хируршкото лекување на отосклерозата“ под менторство на академик А. Андреевски. Во наредните години следуваат изборите за доцент, вонреден професор и редовен професор по истиот предмет при Медицинскиот факултет во Скопје. Избран наставник е и на Високата школа за логопедија и фонијатрија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Високата школа за медицински сестри при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Престојувал во повеќе познати специјализирани центри за одделни суптилни подрачја во областа на оториноларингологијата: во Клинката во Загреб кај академик акад. Падован, а подоцна и кај акад. Краина посветувајќи се на хирургијата на параназалните синуси, фронтобазалните повреди и фонохирургијата; во Париз, во болницата Ст. Антоин кај акад. C.H. Chouard интензивно работел на проблемот на кохлеарниот имплант (вештачко уво) и хирургијата на внатрешното уво; во детската болница Necker во Париз работел на проблемот на вродените малформации на увото, детската бронхо-скопија и езофагоскопија; во Универзитетската болница E. Heriot во Лион, кај акад. Мартин ја усовршил реконструктивната микрохируршка техника на средното уво; во Безиерс, Франција, во најпризнатата специјализирана отолошка клиника работел на проблемот на хируршкото лекување на глувоста предизвикана од отосклероза; кај акад. Ј. М. Стеркерс во Париз, посебно се усовршува за хируршки пристап преку увото до понтоцеребеларниот агол во мозокот и до внатрешниот слушен канал што е многу важно за отстранувањето на тумори во таа регија; хирургијата на лицевиот нерв уште повеќе ја совладува кај акад. Fish во Цирих; во универзитетската оторинола-ринголошка клиника во Прага интензивно работи на проблемот на вештачкото уво.

Како резултат на овие активности, усвојувањето на нови хируршки техники и знаења и нивното применување акад. Филипче се изградува како исклучителен оператор кој за првпат во Република Македонија воведува нови техники кои дотогаш не се изведувале.

Уште поголем придонес се и воведувањето на негови модификации при интервенциите кои даваат многу поуспешен оперативен резултат, мал број компликации и брза рехабилитација. Во својата досегашна професионална работа извршил над 8.000 операции со ниту еден смртен исход и без сериозни и трајни компликации.

Презентирал и објавил над 100 научни и стручни трудови во домашни и меѓународни научни списанија.

Учесник е на бројни светски, европски и национални конгреси, како и бил поканет предавач исклучително со свои лични трудови. Бил директор на Клиниката за оториноларингологија, како и министер за здравство во Владата на Република Македонија.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.

Библиографија