Боро Митриќески

Боро Митриќески

Редовен член, 1997

Боро Митриќески

Датум на раѓање
07.01.1927
Место на раѓање
Прилеп
Членство во МАНУ
Редовен член, 1997
Област на работа
Академски скулптор

Биографија

Акад. Боро Митриќески е роден на 10 мај 1927 година во Прилеп. Средно уметничко училиште завршува во Скопје во 1948/49 година. Првите сознанија за вајарството ги добива од професорот Димо Тодоровски. Се запишува на Академијата за ликовни уметносги во Загреб. Своето образование го продолжува кај професорите Грга Антунац и Андрија Крстуловиќ. Во 1954 година дипломира во класата на професорот Вања Радауш. Се враќа во Скопје каде што непрекинато работи и твори. Работи како ликовен педагог, а потоа како слободен уметник. Од 1979 до 1984 година е директор на Уметничката галерија „Даут Пашин амам“ во Скопје, на којашто функција и се пензионирал. Студиски патувања остварил во Франција, Италија, Англија, Грција, Русија, Шпанија, Австрија, САД и Канада.

Акад. Боро Митриќески има организирано голем број на самостојни изложби, главно во Македонија и во бившите југословенски републики, а на групните изложби ја презентирал македонската скулптура во повеќе ликовни центри кај нас и во светот, и тоа Александрија, Белград, Виена и др. Член е на групата Мугри.

Во изминатите 60 години акад. Боро Митриќески има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и скулптури ситна пластика (дрво, мермер и бронза). Особено треба да се нагласат изведените 10 споменика и спомен обележја, од кои ќе ги споменеме: „Железара“, скулптура од метал, Скопје; Споменик „Карпош“, мермер, Кратово; Споменик на НОБ, Делчево; Фонтана „Дојран“, Дојран; Споменик „Кирил и Методиј“, бронза, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и др.

Акад. Митриќески активно се бави и со таканаречената интимна пластика или скулптура од галериски формат. При своето ликовно искажување користи трајни материјали, како што се бронза, мермер и дрво. Акад. Митриќески своето творештво го насочил во две насоки: едната е големата пластика, а втората интимата, односно пластиката на ентериерот, т.н. скулптура од галериски формат.

Во портретите „Мојата мајка“, „Блаже Конески“, „Лазар Личеноски“, „Петар Мазев” и др. многу успешно го доловува карактерот и психолошкиот израз на личноста, додека приодот во третманот на пластиката во фигурата е постилизиран и упростен, со нагласен лиризам и мекотија, што упорно ја следат структурата на материјалот. Акад. Митриќески се инспирира и со поблиската и подалечната национална историја, и тоа скулптурите и релјефите-портрети на Св. Климент и Св. Кирил и Методиј, потоа портретите на преродбениците, особено портретот и фигурата на Марко Цепенков. Како мотив и трајна инспирација кај авторот се присутни Илинден и НОБ.

Боро Митриќески зазема истакнато место во македонската ликовна уметност како припадник на т.н. средна генерација на македонските сликари и скулптори, генерација што внесе радикални промени во нашето пластично творештво, доближувајќи го него до најзначајните актуелни токови на современото европско и американско скулпторство, тој оствари портрети, камерни лирски форми, релјефи, монументални скулптури и композиции што претставуваат трајна вредност на македонската скулптура во изминатите шест децении.

Боро Митриќески е добитник на новеќе награди и признанија, и тоа: Републичката награда „11 Октомври”, наградата „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ и др.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јули 1997 година.

Почина на 24 ноември 2018 година,

Библиографија