Слободан Перовиќ (Слободан Перовић)

Слободан Перовиќ (Слободан Перовић)

Надвор од работен состав, 2009

Слободан Перовиќ (Слободан Перовић)

Датум на раѓање
10 септември 1932
Место на раѓање
Прокупле
Членство во МАНУ
Надвор од работен состав, 2009
Институција
Академијата на науките и уметностите на Република Црна Гора, Академијата на науките и уметностите на Република Словенија, Академијата на науките и уметностите на Република Српска и Правниот факултет во Белград.

Биографија

Академик Слободан Перовиќ (Слободан Перовић) е роден на 10 септември 1932 година во Прокупје. Дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1956, каде и докторирал во 1963 година.

Член е на повеќе национални академии на науки (Словенија, Црна Гора, Република Српска) како и на Меѓународната академија за компаративно право со седиште во Париз.

Претседател е на Научното друштво на Србија кое тој го основал во 1969 година и кое брои 118 членови научни авторитети од различни области на научни дисциплини.

Акад. Слободан Перовиќ е претседател на Сојузот на здруженијата на правниците на Србија и на Република Српска (порано претседател на Здружението на правниците на Југославија), организација која има значајна улога во правниот живот не само во Србија туку и пошироко.

Основач е на Копаоничката школа на природно право и претседател на Здружението на копаоничката школа на природното право (Universitas iuris naturalis Copaonici), која од 2005 година е под покровителство на УНЕСКО.

Ја извршувал функцијата претседател на судот на Србија и Црна Гора од неговото основање во 2004 година, до престанокот на државната заедница во јуни 2006 година.

Акад. Слободан Перовиќ е долгогодишен арбитер на меѓународни арбитражи, институционални и повремени арбитражи во областа на стопанските и трговско-правните односи.

Тој е претседател на Комисијата за изработка на Граѓански законик на Република Србија. Исто така, претседател е на Одборот за полагање правосуден испит на Министерството за правда на Србија.

Акад. Слободан Перовиќ е носител на бројни странски повелби и признанија доделени од страна на правнички асоцијации и ака­демии на правото. Како основан на Копаоничката школа тој е добит­ник на признанието од Правниот факулет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Академик Слободан Перовиќ е редовен професор на Прав­ниот факултет во Белград од 1977 година. Матичен предмет му е облигационото право. Toj е долгогодишен шеф на Катедрата за граѓанско право и претседател на бројни факултетски и универзитетски тела. Toj е редовен гостин на предавањата на додипломските и на постдипломските студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и на правните факултети во други држави на Југоисточна Европа.

Акад. Слободан Перовиќ е автор на повеќе книги, учебници, монографии, научни студии и повеќе стотици трудови објавени во домашни и во странски изданија од областа на граѓанското право, компаративното право и филозофијата на правото. Голем број од тие дела се објавени на француски, германски, англиски, унгарски, полски и на македонски јазик. Најважни книги објавени во областа на граѓанското право се: Облигационо право; Општа теорија на до­говорите, Формалните договори во граѓанското право; Забранети договори; Ретроактивност на законите и на другите општи акти; Договорот како акт на моралната и на правната цивилизација; При­родното право во Општиот имотен законик за Кнежевината Црна Гора и др. Во областа на филозофијата на правото и компаративното право, главни дела му се: Правно-филозофски расправи; Природното право и судот; Судска независност – пролегомена; Човековите права како достигнување на школата на природното право; Човековите права и судиската независност; Правдата и стекнатите права; Ргоlongatio iuris naturalis; Културата на законитост и природното право; Моќта на природното право; Неминливоста на хексагонот на при­родното право; Природното право како мерка на светскиот поредок; Декларација на Копаоничката школа на природното право и др.

Професор Перовиќ е главен уредник на списанијата „Правен живот“ и “Scientific Review”, на Зборникот на трудови „Актелни прашања на современото законодавство“ и член е на повеќе редакции на одделни правни изданија. Раководи со бројни научни проекти. По прашање на едициите значајни правни публикации се издвојуваат: Енциклопедија на имотното право (1978 год., три тома), како еден од трите главни редактори; Коментар на законот за облигационите односи (1995 год.) како главен редактор; Класици на југословенското право, едиција во три кола со вкупно 17 книги.

Во областа на создавањето на правото професор Перовиќ бил член на законодавни одбори, комисии и совети, особено Правниот совет на Југославија и Законодавно правната комисија на Собранието на Србија. Неговата законодавна активност особено се огледа во решенијата на Законот за облигационите односи кои, со помали измени, и денес важат во Србија и во сите поранешни републики на СФР Југославија.

Од 2006 година акад. Перовиќ е претседател на Комисијата за изработка на Граѓански законик на Република Србија.

Со вкупниот опус во областа на правото академик Слободан Перовиќ влијаеше на развојот на правната теорија и практика и по тој основ стекна извонреден научен авторитет во поранешна Југославија и пошироко. Учествувал на научни конференции во Маке­донската академија на науките и уметностите и во викообразовните институции и асоцијации.

Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.