Акад. Таки Фити

Редовен член, 2003

Акад. Таки Фити

Датум на раѓање
07.11.1950
Место на раѓање
Крушево
Членство во МАНУ
Редовен член, 2003
Институција
Редовен професор на Економскиот факултет во Скопје
Област на работа
Економски науки (макроекономија)

Биографија

Таки Фити е роден во Крушево во 1950 година, каде што завршува основно и средно образование. На Економскиот факултет, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, дипломирал во 1973 година. Во 1974 година се вработува како асистент по предметот Политичка економија на капитализмот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрира во 1980 година, а докторира во 1983 година, на матичниот факултет, на теми од областа на економскиот развој на земјите во развој. За доцент е избран во 1983 година, за вонреден професор во 1988 година, за редовен професор во 1993 година. По втор пат, за редовен професор е избран во 1998 година. Денес, на редовните студии на Економскиот факултет во Скопје ја предава фундаменталната економска дисциплина – Основи на економијата и дисциплината Претприемништво. Извесен период, на Факултетот ја предавал и дисциплината Развој на економската мисла. Бил раководител на постдипломскиот студиум Економски развој и меѓународни финансии на Економскиот факултет во Скопје. На постдипломските студии на матичниот факултет ги предава предметите: Современи макроекономски концепции и политики; Социјална политика и пазар на труд во ЕУ; Нови можности и претприемништво; и Менаџерска економија.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 2003 година. Во рамките на МАНУ, бил член на Претседателството, секретар на Одделението за општествени науки и раководител на Центарот за стратегиски истражувања.

За претседател на МАНУ е избран на 30 ноември 2015 година, а функцијата ја извршува од 1 јануари 2016 година.

Основни подрачја на неговата научна преокупација се: економија (микроекономија и макроекономија), економски раст и развој и претприемништво.

Последните дваесет години неговиот научен интерес е сосредоточен на комплексни теми од областа на модерната макроекономска наука – посебно современите макроекономски школи и макроекономски политики (фискална и монетарна).

Акад. Фити е научен работник и истражувач со голем опус на научноистражувачки и стручни трудови. Автор или коавтор е на околу 300 научни и стручни трудови – книги, научни проекти, статии, учебници, студии, монографии и сл. Во најголемиот број објавени трудови (дома и во странство) се јавува како прв автор. Неговите трудови се пишувани на македонски, српско-хрватски, англиски и на француски јазик и објавувани во домашни и во меѓународни списанија.

Таки Фити е автор или коавтор на повеќе од 30 книги. Дел од овие книги во кои тој се јавува во својство на коавтор се објавени во странство, во реномирани странски издавачки куќи – Kluwer Academic Publishers (САД – Велика Британија), Kumarian Press (САД), Access Press (Велика Британија), Springer (САД, Велика Британија) и др. Посебно е значаен и високооценуван неговиот придонес во истражувањето на современите макроекономски школи, кои го чинат јадрото на денешната макроекономска наука, и нивната релевантност за конципирањето на клучните макроекономски политики – фискалната и монетарната. Неговите пет книги од оваа област,

објавени во периодот по 2001 година,

Современите макроекономски концепции и политики, Новата микроекономија и државната регулација, Нобеловци по економија 1969 – 2008 (редактор и автор), Феноменологија на економските кризи – современите бизнис-циклуси и антицикличните политики, Кејнзијанската економска филозофија – од Кејнз до денешни дни,

одиграа значајна улога во трансферот на знаења од модерната макроекономија, но и во конципирањето на макроекономските политики кај нас.

Академик Фити, како раководител, автор или коавтор, учествувал во изготвувањето на 30 – тина научни проекти од кои 10 меѓународни. Ангажираноста на акад. Фити во изготвувањето на голем број научноистражувачки проекти, како раководител и автор, исто така, имаат значајно влијание врз конципирањето на макроекономските политики, државната регулација, политиките на поддршка на претприемништвото и др. во Република Македонија. Во овој контекст е значајно да се одбележи дека акад. Фити бил копретседател и коавтор на Синиот извештај за Република Македонија – Bllue Ribbon Commisiion Report (Macedonia) Towards Dynamic and Sustainable Economic Growth – growth supportive policies, United Nations Development Programme (UNDP), Team Liders: Josef Brada and Taki Fiti, Skopje 2006.

Неговите рецензенти (академиците Богоев, Кљусев и Узунов) посебно истакнуваат дека „високата вредност на најголемиот број објавени трудови во поглед на предметот, методите, анализата и валидноста на заклучоците“ е резултат на неговата широка економска едукација, континуираното следење на најновите текови на микроекономската и макроекономската наука, неговите бројни студиски престои (Италија, Германија, Франција, Велика Британија и др.), како и неговите бројни настапи на домашни и на меѓународни научни конференции, конгреси, советувања и сл. (во универзитетските центри на поранешна Југославија, во Париз, Нант, Рен, Вулверхемптон, Лозана, Берлин, Вашингтон, Софија, Букурешт, Киев итн.).

Во доменот на

високообразовната дејност,

акад. Фити е втемелувач кај нас на фундаменталната научна дисциплина Основи на економијата и на научната дисциплина Претприемништво. Таки Фити е автор на првиот модерен универзитетски учебник на македонски јазик

Основи на економијата (пет изданија).

И неговиот учебник

Претприемништво (три изданија)

е прв од оваа област во Република Македонија, изготвен во коавторство со Верица Хаџи Василева–Марковска и Милфорд Беитмен. На 24 ноември 2015 година акад. Таки Фити е прогласен за најдобар универзитетски професор во Република Македонија.

Во доменот на

стручната активност

треба да се истакне дека акад. Таки Фити, по покана на разни институции, органи и организации, активно учествува во државната, законодавната и другата дејност од општ интерес за земјата.

Aкад. Таки Фити бил:

Член на работната група за подготовка на економскиот дел на новиот Устав на Република Македонија;

Долгогодишен претседател на Сојузот на економистите на Македонија;

Координатор на работната група на Република Македонија за сукцесија на имотот на Федерацијата (поранешна СФР Југославија) и нејзин претставник во работата на Комисијата на ЕУ во Брисел;

Декан на Економскиот факултет во Скопје;

Министер за финансии во Владата на Република Македонија;

Член на уредувачки одбори на три странски списанија со импакт-фактор;

Консултант на ОЕЦД, Париз, за проекти за мали и за средни претпријатија во Република Македонија;

Советник на македонски премиери и гувернери на НБМ итн.

Акад. Фити е член на Европското друштво за култура (Société Européenne de Culture) и визитинг-професор на Економскиот факултет во Загреб. Од 2017 година е член на Европска академија на науките и уметностите.

Библиографија