Блаже Ристовски

Блаже Ристовски

Редовен член, 1996

Блаже Ристовски

Датум на раѓање
21.03.1931
Место на раѓање
с. Гарниково
Членство во МАНУ
Редовен член, 1996
Институција
Институтот за старословенска култура, Прилеп
Област на работа
Филолошки, книжевноисториски и историски науки

Биографија

Акад. Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко. Гимназиското образование го завршува во Кавадарци и во Прилеп (1950). Во 1955 година дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје (Група за историја на книжевностите на народите на СФРЈ со македонски јазик).

Со научноистражувачка работа почнува да се занимава по запишувањето на студиите, а првиот истражувачки труд го објавува во тогашниот орган на Катедрата за јужнословенски јазици „Македонскијазик“. Како редовен студент, бил главен уредник на месечното списание „Народно здравје“ и шеф на Отсекот за печат во Институтот за здравствено просветување во Скопје (1953–1955). По отслужувањето на воениот рок и едногодишното професорување во Кавадарци (1956/57), се враќа во Скопје и работи како јазичен редактор на Радио Скопје (1957-1961).

Избран е за лектор за македонски јазик и предавач за македонска литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961-1966), а ги води и предавањата по македонски јазик и литература на Педагошката академија во Марибор (1965-1966).

По одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – животот и делото“ (1965) е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје (1966). Го покренува и го уредува списанието „Македонски олклор“ (1968-1978). Основач е и претседател на биеналниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид (1968-1978). Организира успешна теренска собирачка дејност на македонските народни умотворби (на македонски и на јазиците на малцинствата), a ja конципира и издавачката дејност на Институтот за фолклор.

Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја 1977-1991), каде што го раководи Тимот за културната историја и потоа Балканолошкото одделение. Избран е за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991–1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993-1995).

Акад. Блаже Ристовски бил член на редакциите на списанието „Etnologia Slavica“ (Братислава), „Demos“ (Берлин), „Народно стваралаштво – Folklor“ (Белград), „Погледи“, „Современост“, „Гласник“ на ИНИ, „Прилози“ на ОЛЛН на МАНУ (Скопје) и др.

Како истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, има објавено повеќе од 80 книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 1300 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Издадени му се „Избрани дела во 10 тома“ (2011-2016), а како главен редактор ја објави и првата национална „Македонска енциклопедија“ (I-II, 2009).

Научностражувачките интереси му се движат во неколку тематски релации и ги зафаќаат спецификите на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската културно-национална мисла до нејзината конечна афирмација; ја проучува историјата на македонскиот писмен и литературен јазик, литературната историја и фолклорот. Монографски ги истражува и ги афирмира културно-националните дејци од XIX и XX век: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓијa М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко К. Цепенков, Кочо Рацин, Никола Ј. Вапцаров, Васил Икономов, Тодор Чопов и др. Во неговите трудови донесува нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата и претстави на научната јавност низа пројави, настани н процеси и цела плејада заслужнипрофили од македонското културно-национално минато. Коавтор е на пет учебника по историја за основното и средното образование.

Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата нафолклористите на Југославија и прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967); член на Републичката комисија за културни врски со странство, потпретседател на Друштвото на универзитетските наставници и научните работници на СРМ, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет итн.

Во два наврата бил едносеместрален гостин-професор пo македонски јазик, историјa и цивилизација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (Сорбона III) во Париз (1986 и 1992).

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Избран е за редовен член и на Академијата на педагошките и општествените науки во Москва (1993).

Добитник е на наградата „11 октомври“ за својата прва книга „Крсте П. Мисирков“ (1966); признание за славистичките истражувања „Пушкин“ од претседателот на Руската Федерација; златен медал за научни истражувања од Националната академија на науките на Украина (2012) и златен медал од ректорот на Харковскиот национален универзитет (2012).

Почина на 28 ноември 2018 година.

Библиографија